Маџунков: Полска повторно ќе оди по злато, за нас сега почнува Европското првенство

Македонската одбојкарска репрезентација денеска го претрпе и третиот пораз на Европското првенство каде што загубивме од силната Полска со 3-0.

Актуелниот европски шампион демонстрираше доминација на теренот и нашите репрезентативци едноставно не можеа да направат ништо повеќе.

Но, за нас токму сега следуваат двата натпревари кои од самиот почеток беа означени како најважни, дуелите со Португалија и Израел. Станува збор за репрезентации против кои можеме да играме и ќе бараме бодови за да се избориме за четвртото место кое носи во следната фаза.

Средниот бек, Филио Маџнуков и покрај поразот е задоволен од тоа во какво светло се прикажале со неговите соиграчи.

„Полска е актуелен европски шампион и мислам дека овој тим ќе оди на уште едно злато. Лично сум задоволен од натпреварот. Одигравме добро, на некои моменти бевме и во егал, но нивниот квалитет е очигледен. Не се предадовме до крај. За нас првенството започнува од следниот натпревар. Одиме на две победи и се надевам на пласман во следната фаза“, истакна Филип Маџунков, средниот блокер во нашиот национален тим.