Парондо: Среќен сум за Македонија што ќе игра на СП

Роберто Гарсија Парондо имаше успешен старт на клупата на Египет на Светското првенство што се одржува токму во оваа земја. 

Шпанскиот стратег тргна со триумф против Чиле во рамки на Групата Г, а следен негов ривал ќе биде Македонија. Парондо е длабоко врзан со македонскиот ракомет со оглед на фактот дека му беше помошник на Раул Гонзалес во нашата репрезентација, а како прв тренер го предводеше Вардар до втората титула во Лигата на шампиони.

Тој вчера по натпреварот со Чиле изјави дека е среќен што Македонија успеа да стигне на Светското првенство иако жали што тоа испадна на сметка на Чешка.

„Амад ел Амар не играше бидејќи имаше проблем со мала повреда на грбот што ја заработи на пријателската со Јапонија и мислев дека е паметно да го сочуваме и тој да биде подготвен за натпреварите со Македонија и Шведска. Не се работи за некаква дисциплинска мерка. Воедно би сакал да и честитам на Македонија за приклучувањето на турнирот, но во исто време ми е жал што Чешка што не успеа да учествува. Оваа ситуација е проблематична, бидејќи како тренер се подготвувавме за Чешка долго време, а сега имаме кратко време  да се подготвиме за друг противник. Сепак, среќен сум за Македонија имам прекрасни сеќавања од таму“, рече Парондо.

Македонија се среќава со Египет во сабота (16 јануари) во рамки на 2.коло во групата Г на СП.