Очите кон ЕП, мислите кон светла иднина - почнува Македонија „на Кире“!

Не можеше да има поогнено крштевање од ова, Кире Лазаров ќе дебитира како селектор против актуелниот светски и олимписки првак Данска. За резултатот ќе се борат и ќе придонесат колку што можат, но на крајот на денот, тој не е главната цел на оваа нова приказна за ракометна Македонија.

Колку што е тешко да се игра против една идеална селекција како Данска, толку е и лесно. Нема притисок, нема што да се загуби, нема ни очекувања од јавноста, барем ракометно едуцираната, за некакво чудо. Покрај тоа, се погоди Македонија веќе да има некаква „зимница“ во овие квалификации, па целта за пласман на ЕП 2022 да ја брка против другите два ривала, без последици од овој двомеч.

Оттука, вечерашниот (20ч.) натпревар против Данска е една ракометна екскурзија, во најсериозна смисла на зборот, за сите репрезентативци, на чело со Кире Лазаров. Имаат бел лист да почнат да ја пишуваат новата епизода, а со противник како овој доволно за „браво“ ќе биде се што е подобро издание од јануарското, на СП во Египет. Имаат шанса да уживаат и да се надигруваат, а ако се спојат ѕвездите и успееме да извлечеме бод(ови), тогаш уште денеска може да бараме билети за Словачка и за Унгарија, идниот јануари.

По две кола во групата 7, Данска и Македонија имаат по четири бода, Швајцарија и Финска се на нула. Се соочуваат меѓу себе денеска од 17 часот исто така со предвидлив епилог, победа на Швајцарците. Ако, пак и таму се случи некаква сензација и не победат, исто така ќе ни се отвори патот до ЕП 2022, од причина што пласман обезбедуваат сите први и втори места и четири третопласирани.

Мотивација има, атмосферата почна да расте, се врати Филип Миркуловски да додаде на искуство и на стабилност во нападот, така што мислите се насочени кон подобра иднина за Македонија. Вечерашниот дуел и реваншот, в недела во Алборг, ќе бидат само првите попатни станици кон неа, без разлика на нивниот епилог.