Неофицијален пласман на Македонија на ЕП: Франција, па ние!

За да се исцрта конечниот пласман на позициите од 13 до 24 на ЕВРО 2020, ќе ги почекаме уште натпреварите од групата Ф, во која денеска се среќаваат Исланд - Унгарија (18.15) и Данска - Русија (20.30). Сепак и пред да завршат може да се предвиди каде ќе биде пласирана Македонија во своето шесто учество на Европските шампионати.

Како некоја реприза од пред 12 месеци, Македонија и овој собир ќе го заврши на 15. место. Тоа е нашиот најслаб пласман на едно Европско првенство, во ерата на Кире Лазаров и неговата генерација, односно, не сметајќи го последното (тогаш 12-то) место на ЕП 1998. 

Според прописите на ЕХФ, пласманот на екипите кои не продолжуваат во втората фаза се врши според позицијата на табелата во групите и потоа по неколку критериуми. Тоа значи дека сите четвртопласирани селекции се распоредуваат од 19. до 24. место, а сите третопласирани од 13. до 18. Кој понапред, а кој понапред прво зависи од бројот на освоени бодови, а ако некои екипи имаат ист број бодови, како што тоа е случај, на пример, со Македонија, Црна Гора, Франција итн., тогаш ранкингот е одреден според:

а) подобра гол-разлика сметајќи ги сите натпревари од групата

б) повеќе постигнати голови во сите натпревари од групата

в) повисоко рангиран противник на тимовите кои се во прашање, според финалниот ранкинг на ЕП

г) ако нема одлука од никој од горниве критериуми, решава ждрепка.

Следејќи ги критериумите, доаѓаме до сознанието дека највисоко, на 13. позиција ќе се пласира Унгарија или Данска, во зависност која нема да се пласира во топ-12 по вечерашните дуели (Исланд - Унгарија, Данска - Русија). Веднаш зад неа ќе биде Франција, како селекција со најдобра гол-разлика од низата репрезентации со по два освоени бода. Потоа доаѓа Македонија на 15. место, зад нас е Швајцарија, па Полска, потоа Холандија и Црна Гора на 18. место. 

По истиве критериуми, меѓу последните шест најдобар е нашиот ривал, Украина, па 20-та е Србија, по неа Полска, а од 22. до 24. место важно е колку Русија ќе загуби од Данска вечерва за да се знае дали ќе падне под Босна и Херцеговина и Летонија, кои засега се на дното.