Нацева: Грците ни покажаа како се игра - сите да преземеме одговорност!

Како поранешна репрезентативка и член на УО на РФМ и Гордана Нацева се надоврза на критиките за македонската машка ракометна репрезентација за натпреварите со Турција и со Грција.

Некогашниот капитен на женската репрезентација на Македонија побара да се преземе одговорност. Како што се наградува за успесите, така да се има одговорност за неуспесите и да се извлече поука од нив. Како и претседателот Живко Мукаетов и таа рече дека поразот со Грција во Кожани го чувствува како еден од најтешките досега.

„Дали да се критикува за она што се случи или да се фокусираме за тоа што ни претстои во јануари? Паметните луѓе ќе речат ајде да гледаме напред и тоа што ни се случи со Грција и со Турција да го оставиме во 2018. Меѓутоа, пак, во животот поразот е прв чекор до наредна победа, па затоа мора да научиме од него. Ние не загубивме од Грција во кошарка или во фудбал, туку во нашиот најдобар спорт и во нивниот најлош спорт. Не знам како дозволивме во сите околности во кои се наоѓаме и како спорт и како држава да ни се случи еден таков срамен пораз. Мислам дека моравме посериозно да постапиме и покрај тоа што бевме апсолутни фаворити, Грците ни покажаа како се игра. Одговорност мора да си поднесат сите. Еве, кога прават успех ги наградувавме, сега не велам дека треба да се казнува, но мора да им се посочи и на тренерот и на играчите. Сите заеднички мора да поднесат некаква одговорност, да се обидат да го надминат тоа, затоа што ова беше пораз за цела нација и не беше само спортски пораз. Не навлегувам во тактиката, но 60 минути да не се најде против игра против Грција е незамисливо. За мене ова е еден од најголемите порази досега и како играч и сега како спортски работник“, рече Нацева.