Миркуловски: Не се лажете, македонскиот ракомет нема светла иднина (ВИДЕО)

Поранешниот долгогодишен македонски ракометен репрезентативец, Филип Миркуловски, е песимист во однос на иднината на македонскиот ракомет, за кој смета дека нема светла иднина, особено не по повлекувањето на Кирил Лазаров од националниот тим.

Капитенот засега не објавува официјално дали ќе игра и понатаму во жолто-црвениот дрес, но со оглед на неговата возраст тој момент сигурно ќе се случи во скора иднина. По неговото пензионирање, според ракометарот на Вецлар, Македонија ќе има проблем дури и да се пласира на некое од големите натпреварувања.

„Слушам многу приказни за светлата иднина на македонскиот ракомет, како и понатаму ќе се пласираме на Европските и Светските првенства. Не се согласувам со тоа. Кога Кире ќе се повлече од репрезентацијата, ќе ни биде тешко воопшто да се пласираме на големите натпреварувања. Ќе биде дури и претешко со новиот систем на квалификации за СП. Се надевам дека ќе биде добро, но реалноста не е таква. Немаме кој да го замени Лазаров, особено не на позицијата десен бек. Во следните 3-4 години ќе мора да се потпреме само на Талески и Кузмановски и ќе ни биде навистина тешко да дојдеме до опопиплив резултат“, изјави Миркуловски во разговор за „Балкан хендбол“.

Ветеранот, кој веќе има 37 години, во моментов настапува за германски Вецлар, а во дресот на Македонија има 126 настапи со 315 постигнати голови.