Миркуловски: Ако сум постар, сега сум поздрав отколку пред три години

Филип Миркуловски повеќе од една деценија беше еден од главните играчи, но пред три години се повлече од репрезентацијата. Серијата повреди често го одвојуваа од теренот, па плејмејкерот реши да ја заврши кариерата во националниот тим. 

Сега тој на покана на новиот селектор Кирил Лазаров повторно е во репрезентацијата, а исто како и капитенот, ќе има двојна улога и како играч и како помошник тренер.

„Не помина толку долго од мојот последен настап, три години, може да се каже дека е кратко/долго. Се чувствувам одлично исто како да не сум направил пауза. Сè е како што беше, атмосферата е одлична, така да мислам дека во четврток ќе биде се како што треба“, изјави Миркуловски.

Централниот бек смета дека сега е физички поподготвен иако е три години постар. 

„Моето откажување од репрезентацијата беше токму поради тој физички напор, тој период имав многу повреди, некои посериозни некои и не толку. Сега се чувствувам одлично, веќе две години немам некои повреди, така да физички сум можеби поспремен од пред три години иако сега сум постар. Ете и со нова улога, тука сум и со селекторот и како помошник тренер да им дадеме елан на младите што подобро да се вклопат, да ја почувствуваат таа атмосфера во репрезентацијата и да имаат поглавна улога отколку што ја имаа претходно“.

Според Миркуловски јадрото на оваа репрезентација и носители на играта треба да бидат Филип Талески и Филип Кузмановски. Тој и Лазаров се тука да им дадат подршка и да им ја олеснат задачата.

„Секој почеток е еуфоричен, имаме добри замисли за во иднина, имаме и многу млади играчи кои доаѓаат во репрезентацијата, а имаме и доста искусни играчи, за мене Талески и Кузмановски се веќе во зрели години, кога треба да го покажат најдоброто од себе и да ја имаат главната улога во оваа репрезентација како носители на играта. Им треба повеќе самодоверба, можеби со некои нови тактички замисли, што ги има селекторот. Ние ќе се потрудиме што е можно повеќе да им ја олесниме таа задача, да ги вклопиме во тие тактички замисли за да им биде полесно на натпреварот и да прикажат подобри игри“, вели Миркуловски.

Во четврток во „Борис Трајковски“, Македонија го игра првиот натпревар против светскиот првак Данска. Ривал кој добро го познаваме и тим кој нема слабости. Миркуловски смета дека можеби е добро што новиот стручен штаб дебитира на натпревар против најсилната репрезентација во светот, бидејќи нема резултатски притисок. Приоритет ќе биде да се подобри сликата од Светското првенство во Египет. 

„Данска е светски првак, можеби е и добро што ние како стручен штаб прво ќе почнеме против светскиот првак, не сме преоптоварени со резултат, сакаме да прикажеме што подобра игра, да личиме многу подобро отколку на Светското првенство. Мислам дека тие задачи ќе ги исполниме доколку тактички добро се подготвиме, со добра видео-анализа можеме да имаме добра претстава и можеби и добар резултат“, заврши Миркуловски.