Македонија со три замени ќе брка одмазда против Грција (ФОТО)

Македонската ракометна репрезентација попладнево од 18 часот во салата „Парк“ во Струмица ќе бара одмазда за срамниот пораз во Козани од Грција на стартот на овие квалификации, па селекторот Данило Брестовац за последниот меч во квалификациите ги одреди 16-те ракометари и во составот има три замени во однос на претходниот меч со Турција во средата.

Македонија веќе обезбеди пласман на Евро 2020, но победата е императив против јужниот сосед, прво за да се одмаздат за поразот лани, а потоа и да го запечатат првото место во групата, иако и реми им е доволно за такво нешто.

За денешниот дуел, Брестовац не може да смета на пикерот Стојанче Стоилов, капитенот на европскиот првак Вардар, кој во четвртокот имаше операција на коленото, па на негово место на пикерската позиција покрај Жарко Пешевски ќе игра Горан Крстевски. Промена има и на десната бековска позиција каде Мартин Серафимов ќе го замени Јагуриновски, додека Дарко Димитриевски е во составот на место на Милорад Кукоски како засилување на дефанзивата.