ПСЖ може да ја слави новата шампионска титула (ВИДЕО)

Со мислите на дуелот против Борусија Дортмунд во Лигата на шампионите, ПСЖ вечерва одигра само нерешено против Ле Авр (3-3) на домашен терен, но и тоа беше доволно за да дојде на милиметри до нова шампионска титула во француското првенство.

Всушност, „светците“ веќе можат да слават бидејќи имаат 12 бода предност пред второпласираниот Монако кој има меч помалку. Дури и ПСЖ да загуби се до крајот, а Монако да победи на преостанатите четири меча, двете екипи би имале ист број бодови, а во таков случај се гледа гол-разликата. Тука ПСЖ е неприкосновен бидејќи има +47, а Монако само +18 што теоретски е невозможно да се стигне.

Вечерва парискиот тим беше пред пораз на домашен терен бидејќи до 78. минута губеше со 1-3. Расположените гости водеа со головите на Опери, Ајев и Туре, а Баркола единствен погоди за ПСЖ. Сепак, Хакими во 78. минута намали, а Рамос во 95. минута го постави конечниот резултат.