Македонија го почнува деветтиот настап на ЕП, само два пати победила во првото коло
Повторно натпреварите од првата фаза ќе ги игра во Хернинг и повторно, како и во 2014 година, ќе стартува против домаќинот Данска. Пред 12 години, скандинавците славеа со 29-21, фаворити се и денеска, но нашите ракометари немаат што да загубат во овој дуел бидејќи бодовите за пласман во следниот круг ќе се бараат против Португалија и Романија.
Интересно е тоа што нашата репрезентација генерално нема добри спомени од воведните натпревари на европските првенства. На досегашните осум настапи, само два пати успеваше да слави на стартот и тоа со две минимални победи: во 2018 година кога на стартот ја совлада Словенија со 25-24 и две години подоцна со триумф против Украина со 26-25. Во 2020 таа победа не донесе многу бидејќи Македонија остана на неа и го заврши настапот во првата фаза.
Освен овие две победи, нашата репрезентација има и еден нерешен резултат, од 2012 година кога во првото коло ремизираше со Шведкска (26-26). На останатите пет досегашни учества, почнувајќи од дебито во 1998 година, претрпуваше порази.