Лазаров: Задоволен сум, ќе бидеме подготвени за Светското првенство

Ракометната репрезентација на Македонија синоќа одигра добар натпревар против фаворизираната Хрватска во еден од последните тестови, но секако најзначаен, пред почетокот на Мундијалот.

Нашите ракометари долго време го мачеа големиот ривал и ко-домаќин на Светското првенство за на крајот да загубат со два гола разлика. Резултатот на вакви дуели обично е во втор план, а селекторот Кире Лазаров е задоволен од прикажаното во Вараждин.

„Задоволен сум од натпреварот, она кое го сакавме го видовме во Вараждин во еден меч кој се одигра во убава атмосфера. Не ме загрижува поразот. Мислам дека бевме доста добри со добар противник. Имаме уште две подготвителни средби до Светското првенство и мислам дека ќе бидеме подготвени“, рече Лазаров.

До првиот меч за Македонија на Мундијалот има уште шест дена бидејќи тој се игра на 15 јануари против Унгарија, а дотогаш нашиот национален тим ќе се сретне со локалниот хрватски клуб Сесвете и со репрезентацијата на Зеленортски Острови која трета пат во низа ќе учествува на светските првенства.