
Лазаров си остава опции, Македонија патува за Данска со 20 играчи
Од вчера беше познато дека Стојанче Стоилов нема да игра во Алборг, поради болки во грбот, меѓутоа неговата замена, Михаил Аларов, нема да биде единственото ново име во репрезентативниот екипаж.
Во чартерот ќе се најдат 20 ракометари, кои беа на поширокиот список во овие подготовки (отпаднаа порано Мишевски и Димитриоски), што дава право да веруваме дека Лазаров можеби ќе направи некоја замена, во однос на 16-те кои играа против Данска во четвртокот.
Шанса ќе чекаат Мартин Серафимов, Горан Крстевски, Емилијан Ѓоргоски и Марко Кизиќ, додека Цветан Кузмановски, Игор Георгиев и Ненад Костески ќе се надеваат да останат на списокот и, можеби, да добијат минутажа, за разлика од скопскиот дуел кога беа на клупата.
Данска - Македонија се игра утре во 16 часот и ќе биде четврти натпревар и за двете селекции, во рамки на квалификациите за ЕП 2022. Дотогаш Македонија води во групата 7 со 6 бода, Данска е втора со 4, Швајцарија има 2, Финска е на нула.