Пласманот на ПСЖ во финалето се славеше и во Грција

Новокрунисаниот шампион на Грција, Олимпијакос, обезбеди директен пласман во групната фаза на Лигата на шампионите за следната сезона, откако Париз Сен Жермен се пласираше во финалето на најелитното европско фудбалско натпреварување.

Францускиот гигант ПСЖ го елиминираше Арсенал во полуфиналето и во финалето на 31 мај во Минхен ќе се соочи со Интер. И двата клуба веќе обезбедија место во Лигата на шампионите преку националните шампионати, па така УЕФА можеше да го додели слободното место предвидено за освојувачот на трофејот.

Ова автоматски место му припадна на националниот шампион од квалификациските рунди со највисок УЕФА коефициент, пресметан според резултатите во европските натпреварувања во последните пет сезони и тоа е Олимпијакос кој моментално се наоѓа на 37. место на европската ранг-листа, благодарение и на минатогодишниот триумф во Конференциската лига.

Олимпијакос требаше својата европска сезона да ја започне во јули, со три квалификациски рунди до групната фаза, но сега директно ќе се најде меѓу најдобрите 36 клубови на Стариот континент.

 

Фото: Olympiacos FC