Лазаров: Нант ми е последен клуб, после тоа ќе бидам - тренер!

Најдобриот македонски ракометар, Кирил Лазаров, најави дека ќе ја одигра последната сезона во својата кариера, а воедно верува дека ќе придодаде уште некој рекорд покрај оние што ги има.

Лазаров во интервју за хрватскиот весник „Вечерњи лист“, зборуваше на повеќе теми, но за нас е најинтересна таа дека по завршувањето на договорот со Нант, оди во пензија.

Имам договор на уште една година и мислам дека тоа ќе биде крајот, нема повеќе смисла. Ќе останам во спортот како тренер. Којзнае, можеби за десетина години ќе седам на клупата на Загреб, клубот кој навистина многу ми даде во играчката кариера, изјави Лазаров.

Добро е тоа што до идното лето тој ќе настапува и за македонската репрезентација која можеби ќе добие специјална покана за Светското првенство во Египет, претстојната зима. Ако не, ќе биде од голема помош во квалификациите за следниот Европски шампионат.