Лазаревски: Денешната победа нема да ни биде последна на СП – го гарантирам тоа!

Кружниот напаѓач на Вардар, Милан Лазаревски, беше еден од ракометарите што добија лимитирана минутажа од селекторот Кирил Лазаров во денешната победа над Гвинеја (29-20), со цел да не се замори премногу пред втората фаза на СП, каде што не чекаат пресметки со Австрија, Катар и со Франција.

Репрезентативецот направи куса анализа на денешната победа, а потоа и за дуелите кои ги очекуваат неговите соиграчи во следната недела.

„Можеби не победивме со разлика каква што многумина очекуваа од нас, но најважно е што дојдовме до бодовите, а со тоа и до втората фаза. Ваквата игра и резултат се плод на емотивната испразнетост кај сите нас по двете исклучително исцрпувачки пресметки со Унгарија и Холандија. Сигурен сум дека нема да застанеме со победите тука. Противниците во втората рунда не се преголеми бауци. Австријците се дојдени без неколку клучни ракометари, додека Катар е далеку од квалитетот и формата од периодот кога играше во финалето на СП пред десетина години. За Франција нема што да се каже посебно, тоа ќе биде шлаг на тортата и меч за уживање, кој ќе го одиграме за нашите навивачи, на кои им се поклонуваме за се што направија во Вараждин и за поддршката што ни ја даваат од трибините“, изјави Лазаревски.

Дуелот против Австријците ќе го одиграме во вторник со почеток од 18 часот, по што ќе играме со Катар (четврток) и со Франција (сабота).