Кузмановски: Момците гинат за Македонија, ќе дадат сè од себе до крај на СП!

Македонската ракометна репрезентација со триумфот против Гвинеја се пласира во втората фаза на Светското првенство (СП).

Најдобар ракометар на дуелот против Гвинеја беше капитенот Филип Кузмановски, кој даде коментар за досегашните случувања на Мундијалот.

„Навистина сме среќни за денешниот натпревар и победата против Гвинеја, ова беше награда за напорната работа пред првенството. Одигравме квалитетен меч против Унгарија, но не нè посака среќата. Сите знаеме колку беше тешко да се пласираме на Мундијалот, ги победивме Фарски Острови и покажавме која е Македонија. Ветувам и верувам дека со момците ќе одиме чекор по чекор и ќе дадеме сè од себе. Се подготвуваме за дуелите против Австрија, Катар и Франција“, кажа Кузмановски.

Капитенот посочи дека се тактички подготвени и добро ќе ги анализираат следните противници.

„Ќе ги анализираме противниците, мислам дека сме тактички подготвени и тоа го покажавме. Добро ги подготвуваме натпреварите, момците гинат за националниот дрес, покажаа како се игра за Македонија. Треба да покажеме зошто сме дојдени и како знаеме да играме“, вели капитенот.