Кого ќе жртвува Раул - пикер или десно крило?

Веселин Вујовиќ веќе ги соопшти 16-те ракометари кои ќе го почнат Европското првенство, Раул Гонзалес мораме да го почекаме малку повеќе. Селекторот на Македонија ќе го соопшти нашиот состав вечерва.

Веќе се наѕира кои играчи од 19-те ќе седнат на трибини, барем за првиот натпревар, против Словенија. Знаејќи колкава е важноста на Кире Лазаров за нашата репрезентација, тој ќе го игра секој напад, па вториот десен бек, Мартин Велковски, нема да има многу шанса да се покаже, така што тој ќе биде еден од тројцата кои ќе отпаднат.

Раул сигурно ќе остане само со двајца голмани во записникот, така што и еден од нив тројца ќе мора да се пресели на трибините, а најверојатно тоа ќе биде Златко Даскаловски. Иако сите тројца одработија фантастични подготовки, Никола Митревски се покажа во одлична форма на пријателските со Саудиска Арабија и со Србија, па тој ќе му биде алтернатива на првиот наш голман, Борко Ристовски.

Останува прашалник за третиот играч, а изборот е веројатно сличен како и на досегашните првенства: или без трет пивот или без десно крило. Стојанче Стоилов и Жарко Пешевски по одличната клупска полусезона се наметнаа и во репрезентацијата, па првиот кандидат е Никола Маркоски. Работата е во тоа што тој е играч во две насоки и напад и одбрана и може да му користи на Раул.

Затоа вториот кој би можело да отпадне е Мартин Поповски, второто десно крило покрај Гоце Георгиевски. На претходните првенства се случувало да отпатуваме со само едно десно крило, но по пензионирањето на Влатко Митков, Кире Лазаров останува единствениот левак во екипата, така што се сведува на приоритетите на Раул.

Варијанта е да отпадне и Велко Маркоски, па со Ацо Јоноски како единствен дефанзивец и со Никола Маркоски како втора опција да го формираме централниот бедем во одбранбената зона.