Кире Лазаров промовиран како ново заштитно лице на Видеолотарија

Новиот селектор на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров, денеска беше промовиран како ново заштитно лице на Државна видеолотарија.

Со многу епитети беше претставен човекот кој досега беше симбол за македонскиот ракомет како играч, а отсега ќе остане во централната позиција, но како предводник на репрезентацијата и од клупата.

„Државна видеолотарија со задоволство соопштува за најновата соработка со еден од најголемите спортисти во историјата на Македонија. Наше ново заштитно лице е најдобриот ракометен десен бек на светот, Кирил Лазаров. Привилегија е да се стане партнер со спортист чии подвизи ги видела цела Европа и ги слушнал целиот свет“, пишува во соопштението.

За неколку дена Лазаров ќе го има првиот собир како селектор на Македонија, пред двомечот со Данска, во квалификациите за ЕП 2021. Ќе играме прво во Скопје, на 11 март, а три дена подоцна во Алборг. Како и при назначувањето, уште еднаш ја повтори личната возбуда за оваа нова епизода во кариерата и во животот.

„Функција со многу одговорност. Свесен сум за тоа и со многу волја желба и ентузијазам влегувам во овој нов предизвик за мене. Со Македонската ракометна репрезентација сме во ‘брак’ повеќе од 20 години. Се спремам веќе повеќе време за тренерската работа, сакам предизвик во животот. Има многу работа пред нас. Менуваме генерација, а сакаме да останеме на голема сцена. Имам идеа тоа е најважно. Ќе го направиме тоа да биде побезболно, ќе имаме препознатлива ракометна репрезентација со свој идентитет. Едвај го чекам првиот собир“, најави Лазаров.

Првиот собир на македонската репрезентација ќе биде на 6 март, во „Александар Палас“.