Кадетите ја сомлеа Швајцарија за да го потврдат полуфиналето на турнирот во Бугојно

Македонската ракометна кадетска селекција ги преслуша врсниците од Швајцарија, победувајќи ги денеска со 33-22 во мечот од групната фаза со што го заверија настапот во полуфиналето на турнирот во Бугојно.

Македонските надежи ѝ се одмаздија на Швајцарија за поразот во мечот за третото место на ЕХФ-шампионатот во Грузија, кога загубивме за бронзата, па сега им одржаа лекција, кога од самиот старт набрзина направија убава предност и само ја зголемуваа до крајот на мечот. Македонските кадети покажаа напредок во изминатава година, зашто во Грузија лани едвај победија во групната фаза со 32-31, а потоа го загубија тоа мало финале и сега лесно и убедливо победуваат.

На полувреме Македонија имаше плус седум (17-10), а само што почна вториот дел стигнаа и до плус девет (20-11), а двоцифрената предност ја достигнаа на шест минути на крајот и потоа уште поубедливо победија.

Во полуфиналето Македонија најверојатно ќе игра со Словенија.