И пред шест години се вадевме со Австрија - тогаш Борко нѐ спаси! (ВИДЕО)

Македонската ракометна репрезентација попладнево, против Австрија (18.15 часот), ќе го одиграат клучниот натпревар за пласман во втората фаза на Европското првенство (ЕП), во кој ќе бркаме победа која би требало да биде изразена со најмалку два разлика за да бидеме сигурно меѓу двете најдобри селекции во групата.

Ова не е првпат жолто-црвените да го играат клучниот меч на еден голем настан против австрискиот национален тим, а желбата на сите во нашиот табор е да се повтори епилогот, барем во делот на триумфот, од пред шест години. Тогаш, на ЕП во Данска, Македонија ја совлада Австрија (22-21) и се пласира во вториот круг.

Творец на овој голем успех беше голманот Борко Ристовски, кој во последната секунда одбрани шут на противникот за победа и го понесе епитетот јунак на натпреварот. Нашиот голман средбата ја заврши со 19 одбрани, односно со 50-отстотна успешност во одбрани.

Победа над Австрија имаме и од Светското првенство (СП) една година подоцна во Катар, каде што бевме поубедливи и славевме со 36-31. Овој меч, пак, се памети по шоуто на Фалангата на трибините, кога поради одличниот настап на нашите ракометари дури и почнаа да читаат весници поради „здодевната“ ситуација на паркетот.