И пред 10 години имавме „плус 8“ во бараж кој ни ја смени историјата!

Пред точно 10 години Македонија имаше ракометно препородување, кога го елиминираше Исланд од баражот за СП 2009 и почна да биде фактор во европскиот и светскиот ракомет. Зошто е вредно за споменување тоа денеска, кога треба да ја решиме Романија за пласман на СП 2019? И тогаш беше „плус 8“ за Македонија по првиот меч, во Скопје.

Бараж не беше омилен збор во македонскиот ракомет долго време. Словенија, Израел и особено Исланд и Унгарија за десетина години издлабија фрустрација во нервниот систем на македонскиот навивач сѐ дури не дојде јуни 2008 година. „Борис Трајковски“ само што се изградии потребен беше ракометен празник за негово отворање и се случи баражот со Исланд. Македонија беше еднакво доминантна тогаш, како во неделата против Романија.

Само што тоа беше Исланд, репрезентација од светскиот врв, која два и пол месеца подоцна стана олимписки вицешампион. Победивме со 34-26 иако претходно водевме и двоцифрено, токму како во неделата со Романците, а и тогаш и сега блескаше Борко Ристовски.

Во реваншот, Исланѓаните ја покажаа својата сила и нѐ оставија да трепериме, сепак, конечниот резултат застана на 30-24 за Исланд, а Македонија се пласираше на СП, првпат по цела деценија.

Сега сме уште една деценија понапред, а во составот ги имаме истите Лазаров, Ристовски, Миркуловски..., но и една нова генерација која е плод на нивниот успех тогаш. Ракометот стана професионално хоби на македонскиот навивач, а многу млади момци решија да им стане животна определба, затоа Македонија ги сврте работите и направи учеството на едно првенство да биде правило, а не исклучок.

Од тој Исланд, па наваму, учествувавме на осум, од можни 10 првенства и поминавме уште три успешни баражи (Австрија 2012, Грција 2014 и Чешка 2016). Бараж веќе не е асоцијација за пораз, а Македонија не трепери за пласманот на голем шампионат. Така треба да биде и денеска, од 17.30 часот, кога ќе им излеземе на Романците сред Клуж во улога на јасен фаворит со убедливи 32-24 од Скопје.