Холандија не се ни квалификува за ова СП, ИХФ ѝ подари учество!
Можеби малку подзаборавивме дека до пред седум месеци, Холандија не беше дел од екипите кои планираа патување во Полска или во Шведска, овој јануари. По одлично одиграното ЕП и пласманот на 10. место, судбината не ја посака и ѝ ја додели Португалија, еден од потешките можни противници во баражот за СП.
Се чинеше дка работата е завршена, кога на 14 април „лалињата“ славеа во Портимао, со 33-30, меѓутоа ги снајде шок три дена подоцна, во Ајндховен, загубија со 28-35. Елиминацијата беше главен повод за селекторот Ричардсон подоцна да поднесе оставка.
Меѓутоа како и на минатите Светски првенства, Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) и овој пат имаше две „вајлд-карти“ во ракавот. Едната, по прописите, треба да биде резервирана за претставникот на Океанија, ако тој покаже особен успех и се пласира, барем, на петто место во квалификации, но бидејќи Австралија беше дури 16-та на шампионатот на Азија, остана и втора вајлд-карта слободна за доделување. Изборот на ИХФ падна на Словенија и на Холандија.
„Холандија е еден од тимовите во подем, кој има неверојатно подобрување во минатите неколку години, потврдувајќи го тоа со 10. место на ЕП 2022“, пишува во објаснувањето на ИХФ.
Потоа и двете со Словенија беа сместени во четвртиот, најслаб шешир, а Македонија имаше среќа да ја добие во својата група.
И навистина има неверојатен подем, бидејќи немаше учество на ЕП воопшто до 2020 година, а на СП само едно, во далечната 1961. Победата над Аргентина во првото коло овде во Краков (29-19), всушност беше нивна прва на Мундијалите.