Катастрофа за Реал - се повреди и Ридигер пред дуелите со Атлетико и Сити

Единствениот здрав стопер во тимот на Реак, Антонио Ридигер се повреди во почетната фаза од денешниот натпревар против Еспањол и го напушти теренот по само 14 минути игра.

Германскиот интернационалец се држеше за задната ложа и побара да биде заменет што е тотална катастрофа за тимот на Карло Анчелоти пред исклучително важните две недели за неговиот тим. Ридигер беше стартер и ги одигра сите досегашни натпревари во Ла Лига, а поради проблемите во дефанзивата, Анчелоти не беше во можност да го одмори на некој меч. Засега е неизвесно колку време ќе паузира, но извесно е дека ќе го пропушти дербито против Атлетико идниот викенд, како и првиот меч од плејофот во Лигата на шампионите, на 11 февруари.

На местото на Ридигер вечерва во игра влезе младиот Асенсио кој заедно со Чуамени го сочинува стоперскиот тандем. Асенсио не е регуларен член на првиот тим на Реал, туку игра во Б-екипата и по потреба му е на располагање на Карло Анчелоти. Оваа сезона од него многу имаше потреба, па тој запиша десет настапи за сениорскиот тим на Реал.