Тиквеш испушти плус 17, Феникс славеше по две продолженија

Екипата на Феникс го победи Тиквеш со 112-103 во еден од најинтересните натпревари во Првата лига оваа сезона.

Се играа две продолженија, Тиквеш имаше водство и од 17 разлика, но на крајот се радуваа кошаркарите на Феникс. Гостите го диктираа темпото безмалку цел натпревар, во 14. минута ја достигнаа највисоката предност (37-20), водеа со 76-65 на помалку од шест минути до крајот, но не ја задржаа предноста, пред се поради своите грешки и пропусти. На 30 секунди пред крајот Феникс се доближи на 83-85, во следниот напад Хил промаши две слободни фрлања и му даде можност на Феникс да израмни. Шансата ја искористи Шепард кој се погрижи за 85-85 на девет секунди пред крајот за во последниот напад Клергело да промаши шут за тројка и мечот отиде во прво продолжение.

Во него Феникс го диктираше темпото, поведе со 92-88 и 94-90, но Волканоски и Клергело се погрижија за израмнување и второ продолжение. Повторно се чинеше дека Тиквеш ги има работите во свои раце кога на нешто помалку од три минути поведе со 103-99. Но, кавадарчани тука застанаа, Феникс со серија од 13-0 го затвори натпреварот и дојде до победа со која го прескокна својот вечерашен противник и се искачи на осмото место на табелата.

Капитенот Андреј Митревски одигра одличен натпревар, постигна 26 поени и 7 скока, а го следеа Шепард со 20 и Адетукаси со 19 поени. Пантелиќ со 25 поени и 9 скока го предводеше Тиквеш.