„Кралевите“ пропаднаа во Каталонија: Еспањол ги казни сите промашувања на Реал (ВИДЕО)
Конечниот резултат е сензација не само поради местоположбата на двете екипи на табелата во Ла Лига, туку и поради она што се случуваше на теренот на Корнеља дел Прат. Реал доминираше, создаде најмалку десетина изгледни шанси за гол и упати 21 удар, но некои од нив одбрани фантастичниот домашен голман Гарсија, а некои завршија покрај головите.
Во 20. минута Реал успеа да ја затресе мрежата на Еспањол преку Винисиус, но тој гол беше поништен поради претходен фаул на Мбапе. Французинот се „истакна“ во вториот дел со неколку промашувања, шанси не искористија ниту Себаљос, Чуамени и Винисиус, а казната за тоа стигна во 85. минута.
Домашните одзедоа една топка на средината на теренот, проиграа по десната страна од каде центрираше Ел Хилали, а на втората статива се најде Карлос Ромеро кој рутински го совлада Куртоа. Помош во тоа имаше од Валверде кого го удри топката на патот до мрежата, но тоа не ја помати радоста кај присутните на стадионот, како и кај фудбалерите на Еспањол.
Со овој пораз, Реал им даде шанса на Атлетико и Барселона да се вратат во игра за титулата во Ла Лига. Атлетико сега е на еден бод негатива пред големото дерби идниот викенд, додека Барселона има шанса утре, со евентуален триумф против Алавес да се доближи на -4.