Горлив почеток на СП во Египет, Шведска ја декласира Македонија со +12!

Македонските ракометари, за жал, имаа болен почеток на Светското првенство во Египет, со убедлив пораз од Шведска, со 20-32.

Не дека е трагедија поразот од петтата репрезентација од минатото Светско првенство, но не задоволи пристапот и играта на македонските ракометари, со исклучок на првите 15-20 минути. Дотогаш Македонија се носеше рамноправно со Шведска, последно имавме 9-9 во 16. минута, но почнавме да губиме чекор. Следуваше серија од 5-0 за Скандинавците, што придонесе за 16-11 на паузата, за нив.

Потфрли одбраната, беше претерано продорна, особено преку пивот, на позициите 3-4-5 во нашата зона 6-0. Во игра не држеше Никола Митревски и солидниот напад во ситуација кога Швеѓаните имаа исклучен играч, кога со Стоилов и Пешевски заедно во напад, создававме позиции за гол.

Меѓутоа, како што почна второто полувреме, почнавме уште повеќе да правиме грешки во нападот, во додавања, Швеѓаните го користеа тоа со брзи голови, па дури и кога ние постигнувавме, многу тешко се справуваме со нивниот брз центар, а нашиот бавен премин од напад во одбрана, со тие задолжителни замени. Во 42. минута разликата првпат стана двоцифрена, со 24-14, подоцна намаливме на 7-8 разлика, но до крај резултатот избега од контрола.

Данило Брестовац го искомбинира составот, впрочем, уште на крајот од првиот дел на клупа ги седна и Талески и Кузмановски, во второ шанса добија и Георгиевски, многу повеќе Велковски, Танкоски, а одлични 30 минути имаше Мартин Томовски на голот, со шест одбрани (пет во второ). Митревски застана на пет одбрани, меѓу стрелците прв беше Лазаров со пет гола, а петмина постигнаа по два погодока: Пешевски, Стоилов, Танкоски, Костески и Поповски. Утре е слободен ден, в сабота од 18 часот Македонија игра против Египет, кој синоќа го совлада Чиле.