Червар ги одреди 16-те ракометари - Јагањац го прати на трибини!

Лино Червар донесе одлука кои двајца ракометари ќе отпаднат, за да се формира 16-ката која ќе настапи, барем, на првиот натпревар од СП, денеска во 18 часот против Исланд.

Момчето кое го откри и го доведе во Металург, 20-годишниот Халил Јагањац нема да доживее деби на Светските првенства, барем, не денеска против Исланд. Покрај него, на трибините ќе се пресели Иван Слишковиќ, уште еден лев бек со богато искуство од натпревари во Лигата на шампионите.

Наместо него, во 16-те кои ќе играат место доби ветеранот Дамир Бичаниќ. Интересно е тоа што Бичаниќ не ни беше на скратениот список на Червар по Нова година, арно ама, пријателската со Црна Гора, на 4 јануари, како да го предомисли лукавиот хрватски стратег. Бичаниќ го повика на 5 јануари, пред вториот тест за „каубојците“, против Италија.

Бичаниќ има 34 години и не е ни во топ-3 стрелци на ППД Загреб во ЛШ, оваа сезона, меѓутоа Лино, како негов доскорашен тренер, реши да го избере пред Слишковиќ, кој годинава успешно настапува во Гепинген.