Македонската ракометна репрезентација денеска се собра и веднаш заминува за Турција, каде ќе започне со пријателските натпревари. Селекторот Данило Брестовац за оваа ЕХФ недела повика помлади ракометари и низ четири натпревари ќе се обиде да пронајде иднината на македонската репрезентација. 

Тој не е задоволен од минутажата што ја имаат играчите во своите клубови, па овие натпревари треба да им служат за подобрување на формата и е во потрага по нови играчи кои ќе го носат товарот на одбраната.

„Кога ќе видиме сите репрезентативци се во тренажен процес, но во натпреварувачки ритам се катастрофа, речиси никој не игра за своите клубови. Па затоа со мојот стручен штаб се договоривме да одиграме што е можно повеќе натпревари. Тука кога ќе ги надоврземе и играчите на Металург, кои немаат меѓународни натпревари, а знаеме какво ни е првенството, нема некој висок ритам на натпревар. Одлучивме да одиграме четири натпревари. Имаме проблеми на позиција три и четири, бидејќи Велко Марковски не игра, односно нема клуб, а повреден е Никола Марковски, кој има скршеница на раката. Во минатото овие ракометари заедно со Јоновски ни беа целата одбрана, а сега ги немаме. Затоа сакам да проверам неколку млади играчи да работиме на нивна замена, борбени, храбри, кои знаат треба да удрат, кои знаат да одиграат интелегентно. Не бев задоволен од играта во одбраната на изминатите натпревари, тука го имавме Милорад Кукоски, но ете и тој не игра во последно време Еурофарм Работник. Имаме безброј проблеми“, се пожали Брестовац.

 Селекторот алармира дека Македонија мора во следните неколку години да извади квалитетни репрезентативни играчи, бидејќи во спротивно ќе го загуби својот континуитет и ќе имаме репрезентација без интернационално искуство. Токму овие натпревари ќе бидат шанса за младите да се докажат во националниот дрес.

„Сакам да им дадам минутажа на младите да ме уверат мене и вас како спортска јавност дека можат да одиграат на високо ниво. Се надевам дека прво во Турција, а потоа и тука на овие натпревари ќе можеме да извадиме играчи кои во иднина ќе може да играат на некое високо ниво. Со Турција имавме проблем да ги победиме во Битола, а потоа и таму, а игравме со најдобриот состав. Сите што се тука се квалитетни и млади, но би требало да биде добро. Јас секогаш сакам да победам. Мораме да сфатиме дека мораме да внесеме свежа крв во нашата репрезентација. Ако за 2-3 години не подготвиме добра репрезентација, ќе паднеме во голема црна дупка. Ќе имаме репрезентација без интернационално искуство“, вели селекторот.

Селекторот најави дека Македонија ќе игра на „Трофеј Карпати“ во декември, а во подготвките за ЕП 2020, закажани се две контроли со Црна Гора и Словенија.