Брестовац: Кузмановски се наметнува како лидер, тој е сериозен кандидат да го замени Лазаров!

Македонската ракометна репрезентација ги загуби двата досегашни натпревари во главната фаза на Светското првенство (СП) во Египет, па Белорусија ни е последен ривал во групата.

Селекторот на Македонија, Данило Брестовац смета дека ракометарите имале лош пристап во мечот против Русија и затоа доживеавме нов убедлив пораз.

„Јасно беше дека влеговме лошо во мечот и изгледавме лошо на теренот. Иако се договоривме да го заборавиме првото полувреме, веднаш заигравме подобро. За секој меч мора да бидеме подготвени. И во Австрија имавме проблеми со ваков пристап кон натпреварите. Една слика покажавме во квалификациите, а друга во настапите на големите натпреварувања. За утре имаме проблеми, па ќе видиме кој ќе игра и дали може да изненадиме“, вели Брестовац. 

Предводникот на ракометарите вели и дека е задоволен од дел од ракометарите, а посебно го пофали Филип Кузмановски.

„Кузмановски полека се наметнува да биде лидер на селекцијата и да ја преземе улогата од Кире Лазаров“, кажа Брестовац.