Брестовац: Јапонците беа многу побрзи од нас и ни направија големи проблеми

Македонската ракометна репрезентација до 19 години загуби со 22-31 од Јапонија, па така ја заврши групната фаза од Светското првенство на четвртата позиција и во осминафинале ги очекува дуел против Португалија.

Селекторот Данило Брестовац кажа дека македонските ракометари не одговориле соодветно на нападите на Јапонија.

„Не успеавме да се спротиставиме на Јапонија во ниту еден сегмент од играта. Противниците кои не се од Европа ни создаваат големи проблеми. Ниту со Јапонија, ниту со Нигерија и Бахреин не можевме да се спротиставиме на нивната брзина. Ние сме навикнати на европски, побавен ракомет, па поради тоа не можевме да ги запреме Јапонците и затоа имавме проблем. Ние баравме триумф на мечот, но едноставно не можевме да парираме на Јапонците“, кажа Брестовац.