Брестовац: И најгрдиот триумф ми е поубав од најубавиот пораз

Македонската ракометна репрезентација до 19 години го претрпе вториот пораз на Светското првенство кое се одржува во Скопје, откако нашите кадети овој пат загубија од фаворитот Данска со 26-29 во дуелот од четвртото коло од групата „Ц“.

По мечот, селекторот на Македонија, Данило Брестовац, изјави дека е задоволен од прикажаното на своите избраници и дека нијанси одлучувале за победата на овој дуел.

Можеби игравме подобро. Но и најгрдата победа ми е поубава од најубавиот пораз. Задоволен сум дека одиме во нагорна линија, почнавме да функционираме понормално. Можеме да влеземе и во ротација. Имавме промена за разлика од првите три натпревари. Фокусот е ставен на осминафиналето и на противникот. За нешто повеќе против Данска ни фалеше голман во второто полувреме. Во првиот дел бевме одлични, имаше некои технички грешки. Мора да сме реални, Данска е меѓу најдобрите во младинските категории. Не сакам да се занесувам дека сме одиграле којзнае каков натпревар, беше коректно, за нешто повеќе ни требаа неколку фактори плус, изјави Брестовац.

Македонија во последното коло од групата ќе игра против Јапонија, а дуелот ќе одлучи кој со кого ќе вкрстува во нокаут-фазата. Можни противници на нашиот национален тим се Исланд и Португалија.