За разлика од Шалке и УЕФА: СЕХА нема да ја прекине соработката со руски Газпром!

Трендот на прекинување на врските со сѐ што доаѓа од Русија, поради нејзината инвазија врз Украина, која е присутна деновиве во светскиот спорт, не влијаеше врз челниците на ракометната СЕХА-лига да тргнат по истиот пат.

Регионалното натпреварување реши да не ги следи стапките на германскиот тим Шалке и на УЕФА, кои официјално го раскинаа спонзорството од руската компанија Газпром, а згора на тоа договори и продолжување на соработката со оваа компанија.

„Се слушнав со луѓето од Газпром, кои ме информираа дека е сѐ во ред и дека не треба да се грижиме“, изјави директорот на СЕХА, Синиша Остоиќ.

Покрај ова, предводниците на лигата во која настапуваа нашите Вардар и Еурофарм Пелистер ќе мора итно да донесат одлука за настапот на украински Мотор Запорожје и на белорускиот Мешков Брест, кои од различни причини во моментов не можат да ги играат натпреварите.