Вујовиќ чудно скромен: Можеби сум најомилен, ама најдобар тренер е – Лино Червар!

Поранешниот селектор на македонската репрезентација и поранешен, а можеби во блиска иднина и повторно тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ, во, за себе, невообичаено издание го искажа својот став за тоа кој треба да добие најмногу гласови во изборот на стратег на сезоната 2019/20.

Популарниот Вујо мајсторе, кој е во конкуренција заедно со Зоран Рогановиќ, Драган Аџиќ, Љубомир Обрадовиќ и Лино Червар во изборот на ракометниот портал „Балкан хендбол“, смета дека токму Хрватот мора да биде прогласен за најдобар без разлика на тоа кој колку гласа има. Ова тврдење малку ја изненади јавноста, со оглед на големиот ривалитет кој владееше помеѓу двајцата тренери, пред сѐ во периодот кога беа предводници на Вардар односно Металург.

„Иако ми годи што во моментов сум на водечката позиција, сепак, по сите критериуми, епитетот најдобар за оваа година апсолутно му припаѓа на господинот Лино Червар, кој е освојувач на сребрен медал од Европското првенство со Хрватска. Ви благодарам на сите што гласавте за мене, но со избира најдобар, а не најомилен тренер“, напиша Вујовиќ на својот фејсбук-профил.

Црногорскиот стратег со 32-отсто од гласовите во моментов е во блага предност пред Обрадовиќ со 29-отсто и Червар со 25-отсто.