Веспрем го врати приматот, повторно е шампион на Унгарија

Четири години по последната титула, Веспрем повторно може да се нарече ракометен шампион на Унгарија.

Во финалната серија од унгарското првенство, најтрофејниот го совлада Пик Сегед со 2-1 во победи, а оваа вторава ја оствари вечерва на гостински терен, со 31-27.

Иако Пик Сегед замина на одмор со 14-12, имаше и 16-12, а водеше и по десетина минути во вториот дел (18-17), Веспрем покрена пресврт и веднаш се одлепи на 3-4 гола кои ги негуваше до крајот. 

Ова е 27. пехар за Веспрем (наспроти 14 на Пик Сегед), но прв по сезоната 2018/19. Пик Сегед ги освојуваше титулите во последните две сезони, а во 2019/20 не беше прогласен шампион, поради коронавирусот. Ова е титула и за Димитар Маневски, некогашниот физио-терапевт на шампионскиот Вардар, кој пред две години замина во Унгарија.