Вардар играше со четири крила во еден напад, просек на висина - 182см! (ФОТО)

Големиот број повреди во екипата на Вардар придонесоа натпреварот со Војводина од СЕХА-лигата (26-23) да биде експериментален и со состав, кој, веројатно, никогаш повеќе нема да се повтори.

Едуард Кокшаров имаше млади ракометари на клупата, но изгледа нема некоја голема доверба во нив. Во првото полувреме шанса добија Кукуловски и Атанасовски, но кога Војводина се доближи и особено, речиси, во цело второ полувреме сите останаа на клупа.

Кокшаров играше со постава со три, дури и со четири крила: Димитриоски и Шишкарев беа вистински крила и ги покриваа своите позиции, но во недостаток на бекови, Дибиров и Чупиќ гравитираа по надворешната линија. Кога Скубе беше во игра, еден од нив седеше на клупа, а најчесто на линијата од шест метри стоеја двајца пикери, Калараш и Сикошек-Пелко, за да компензираат за отсуството на бекови шутери, па со блокови да им отворат простор на брзите Чупиќ и Дибиров.

Кога на паркет беше поставата со четири крила, сите тие се во просек високи точно 182,7 сантиметри (Шишкарев 190, Димитриоски 183, Дибиров 180, Чупиќ 179). Ако, пак, Скубе беше во игра, а Чупиќ на местото на Шишкарев, четворицата најниски имаа просек од точно 180 сантиметри. Овој куриозитет го уриваа Пелко и Калараш, првиот со 203, вториот со 205 сантиметри.

Како и да е, експериментот заврши со победа, но сигурно дека еден мал пораз е недовербата во младите кои грееја клупа, дури во ситуација кога се игра против една Војводина, во „безопасен“ меч во СЕХА-лигата, со пола екипа повредена.