Грција демолирана, Турција првпат по 24 години ќе игра во финале на ЕП

Репрезентацијата на Турција е втор финалист на Европското првенство и в недела ќе се обиде да стигне до првата континентална титула во својата историја.

Во вториот полуфинален меч, Турците буквално ја демолираа Грција со 94-68, колку да потврдат дека досегашните резултати на првенството не се случајни. Иако се очекуваше жестока борба за секоја топка, победникот во ниеден момент не беше доведен во прашање. Грција не само што не се закани, туку во ниеден момент не се најде во водство на овој натпревар.

Турција отвори со 7-0, потоа беше 12-3, а пред крајот на првата четвртина првпат поведе со двоцифрена предност (22-12). Четата на Ергин Атаман имаше неочекуван херој во Ерџан Османи кој во воведните десет минути постигна 14 поени, вклучувајќи четири тројки. Во вториот период предноста на турската селекција се искачи и на 20 разлика и до крајот немаше апсолутно никаква неизвесност.

Османи беше најефикасен играч на мечот со 28 поени, вклучувајќи шест тројки од осум шута, Осман додаде 17 поени, а Шенѓун беше блиску до трипл дабл со 15 поени, 12 скока и 6 асистенции. Јанис Адетокумпо беше одлично чуван, постигна само 12 поени за 30 минути во игра, плус 12 скока и 5 асистенции, а најефикасен кај Грците беше Слукас со 15 поени.

Противник на Турција во големото финале ќе биде светскиот првак Германија, додека Грција против Финска ќе се обиде да стигне до третото место и првиот медал по пауза од 16 години.