
Тежок кикс на одбраната на Македонија ЃП му донесе три бода на Вардар (ФОТО+ВИДЕО)
Иако големи фаворити за трите бода, „црвено-црните“ победија благодарение на тежок кикс на противничката одбрана, поточно дефанзивецот Пецов и голманот Јанков во 53. минута. По еден центаршут од десната страна, Пецов се обиде со глава да му ја врати топката на својот голман, но овој не успеа да ја прифати, му помина низ нозе, токму пред Омерагиќ кој само ја спроведе во мрежата.
Тој гол се покажа доволен за Вардар да дојде до триумф на овој меч и привремено да избие на првото место на табелата. Првото полувреме не донесе атрактивна и возбудлива одбрана, убавите акции можеа да се избројат на прсти на една рака, а шанси имаа Гереро за Македонија ЃП во четвртата и Матиќ со глава во 12. минута.
По постигнатиот погодок, темпото уште повеќе опадна, Маневски имаше обид од далечина во 55. минута, но најголемата шанса ја имаше Осеи во 88. минута кој остана сам на врвот од шеснаесетникот, ама шутираше над голот.
По овој пораз, Македонија ЃП остана на три бода и се наоѓа во долниот дел од табелата пред дуелот против Брера на домашен терен идната недела.