Фабијани: Игравме перфектно, само три минути нè делеа од посакуваниот резултат!
Тренерот на Вардар, Кристијан Фабијани жали поради поразот од Рига, но кажа дека е задоволен од играта на неговиот тим.
„Три минути нè делеа од посакуваниот резултат. На терен стоевме перфектно, екипата доста беше координирана и имаше ред во играта. Тактички ги затворивме сите приоди на противникот иако игравме скоро 80 минути во регуларниот дел со играч помалку. По примениот гол веќе не можевме уште цели 30 минути со играч помалку. Меѓутоа сум презадоволен од тоа како екипата беше поставена на теренот и се бореше“, кажа Фабијани.
Димитар Данев посочи дека секој фудбалер го дал својот максимум, меѓутоа црвениот картон им направил големи проблеми.
„Сите играчи што бевме на терен го дадовме својот максимум за Вардар и се боревме секоја минута што ја добивме. Имавме добар старт, потоа добивме црвен картон ама и покрај тоа тактички бевме дисциплинирани и му париравме на противникот. Потоа примивме гол на три минути до крај, а во продолженијата тешко беше да се издржи со играч помалку на теренот“, посочи Данев.