Револуција во Србија: Звезда ја носи норвешката легенда со најмногу трофеи во историјата

Женскиот клупски ракомет во Србија нема особена традиција и по распадот на Југославија главно се темелеше на успесите на нишкиот клуб ДИН, сега Наиса.

Работите може да се променат ако успее проектот на Црвена Звезда која е пред договор со норвешката голманка Катрин Лунде која на 45 години е пред премин во белградскиот клуб. Последните две сезони Звезда е шампион на Србија, но амбициите се да се направи екипа која ќе има значајна улога на меѓународна сцена. Сезонава има шанса да се пласира во Лигата на шампионите, прва пречка е Споно од Швајцарија, но многу потешка задача ќе биде унгарскиот Езтерг.

Лунде е без клуб откако во јуни и заврши договорот со данскиот Оденсе, а претходно осум години го носеше дресот на Вајперс Кристијасанд со кого доминираше во Лигата на шампионите. Во моментов работи како тренер на голманите во норвешкиот Рандесунд, но во Ракометната федерација се обидуваат да ја задржат активна до Светското првенство кое се игра во декември. Ако успее да ја донесе Лунде, раководството на Црвена Звезда ќе се насочи и кон поранешната ракометарка на Вардар, Андреа Лекиќ која објави крај на кариерата, но би можела да се врати за да ја однесе екипата во Лигата на шампионите.

Норвежанката е најтрофејна ракометарка во историјата на овој спорт, има седум титули во Лигата на шампионите (две со Виборг, две со Ѓер и три со Вајперс), со репрезентацијата три пати беше олимписки, два пати светски и седум пати европски првак и има уште куп национални титули во Норвешка, Данска и Унгарија. Лани, на свои 44 години, беше прогласена за МВП на олимпискиот турнир во Париз.