Одбојкарките ќе „тестираат“ со Косово пред настапот во Европската лига

Македонската женска сениорска репрезентација ќе има два пријателски натпревари против Косово, кои ќе бидат дел од подготовките за настапот во Европската лига 2026, кој воедно е прв дел од циклусот квалификации за Европското првенство (ЕП) во 2028 година.

Селекторот на одбојкарките, Милош Гавриловиќ првата прозивка ја закажа на 13 мај во СЦ „Форца“ во Скопје, каде што ќе се одработат комплетните подготовки, додека двомечот со Косово ќе се игра на 29 и 30 мај.

Првиот натпревар ќе се одигра во Скопје, додека вториот дуел ќе се игра на гостински терен, но Косово треба допрва да ја дефинира локацијата за мечот.

Одбојкарките го почнуваат настапот во Европската лига во Порто каде се игра првиот турнир. На 6 јуни за противник ја имаат Унгарија, додека на 7 јуни играат со Португалија.

Потоа продолжуваат за Шпанија, во Аликанте, каде домаќинот ги пречекува на 12 јуни, а ден подоцна се соочуваат со Азербејџан.

Македонија го завршува во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје на 19 јуни, каде ќе ги измери силите со Хрватска, додека на 21 јуни против Словенија ќе го комплетира учеството.

Фото: Одбојкарска федерација на Македонија