Идол на Мбапе е Роналдо, но му симна капа на Меси - не можел да поверува што прави!

Еден од најдобрите фудбалери на денешницата, Килијан Мбапе, имаше интересно гостување во еден подкаст каде што тема беа и „вечните ривали“, Кристијано Роналдо и Лионел Меси.  

Веќе од поодамна е познато дека Роналдо е идол на францускиот голгетер, сепак тој е искрен и му симнува капа и на Меси.

„Роналдо ми е идол, но Меси е единствен феномен. Тој човек едноставно може да направи што и да посака.“

Мбапе имаше можност речиси две години да ја дели соблекувалната со Меси во ПСЖ.

„Тука беше и Нејмар, кој е технички беспрекорен. Но, Меси прави сè совршено“, истакна Французинот.

Откри Мбапе и интересна анегдота од тренинзите:

„Кога ќе завршевме со тренинг, јас, Меси и Нејмар земавме по 10 шута. Јас и Нејмар постигнувавме по 6-7 голови, додека Меси погодуваше најмалку девет пати и секогаш на ист начин. Изгледаше уморно, а беше неверојатно прецизен. Не можев да поверувам што прави“, заклучи Мбапе.