Потврден наследникот на Јапонецот: Играњето за Вардар е врв во ракометот!

Само неколку часа откако информацијата беше објавена во српските медиуми, челниците на Вардар и самите потврдија дека српскиот интернационалец, Младен Крсманчиќ (31 години) е ново засилување на бековската позиција за следната сезона.

Тој игра како среден бек и доаѓа како наследник на Јапонецот Косуке Јасухира, кој веќе објави дека си заминува од црвено-црниот табор. Крсманчиќ оаѓа од Унгарија, каде што претходните сезони настапуваше во тимот на Чургу, а претходно има играно за Југовиќ, Слога, Железничар и Анаитасуна (Шпанија).

„Потпишувањето за Вардар претставува значаен чекор во мојата спортска кариера. Овој клуб со својата богата историја и успехoт во освојувањето на ракометната Лига на шампиони за мене го симболизира врвот на професионалниот ракомет. Во следната сезона очекувам интензивна работа, посветеност и заеднички напор за освојување на нови титули, а особено се радувам на можноста да придонесам за тимот со моето искуство и енергија на теренот“, изјави Крсманчиќ.

Српскиот ракометар треба да се појави на прозивката на клубот во јули кога ќе почнат подготовките за новата сезона. Вардар како вицепрвак ќе игра во Лигата на Европа.