Трагедија во Љубљана: Загина млад ракометар, го прегазил автомобил додека возел велосипед!

Тажна вест пристигна од Љубљана каде што младиот 16-годишен ракометар од академијата на Извиѓач, Марко Грабавац го загуби животот откако бил прегазен од автомобил на пат кон училиште.

Во трагичниот настан учествувале несреќното момче кое возело велосипед и возач на моторно возило, кој по полицискиот увид бил и уапсен.

Екипата на итната медицинска помош брзо пристигнала на местото на несреќата и се обидела да го реанимира шеснаесетгодишникот, но, за жал, безуспешно. 

На официјалната страница се огласи и неговиот матичен клуб, РК Извиѓач, простувајќи се од својот член со емотивна објава.

„Тешко е да се најдат зборови со кои би се искажала болката поради заминувањето на еден толку млад живот“, наведоа од тимот од Љубушки, додавајќи:

„Беше дел од нас, наш пријател, соиграч, насмевка и надеж. Твојата ведрина и љубовта кон ракометот засекогаш ќе останат во нашите срца.“

Од клубот на крајот изразија најдлабоко и најискрено сочувство до неговото семејство и пријателите.