ТФТ: АБА не ни ја призна регистрацијата на Американците - навредени сме!

Вицешпампионот на АБА 2 лигата, ТФТ имаше непријатно искуство на стартот од новата сезона во регионалното натпреварување откако мечот со Слобода Тузла мораше да го одигра со само шестмина кошаркари.

Тоа беше големо изненадување за сите кои го следеа мечот, а по мечот тренерот Боро Смилковски призна дека е силно разочаран од АБА и ги објасни причините за она што се случуваше во Мејдан.

„Девет години сум тренер на ТФТ, долго време учествуваме во АБА, многу ни е дадено, ама и ние многу дадовме и никогаш не сме направиле проблем. Она што се случи денеска е многу чудно. Постои платформа на АБА на која се регистрираат играчите, а ние имаме доказ дека сите играчи кои се дојдени овде се регистрирани. Лесно е да се провери на официјалниот сајт на АБА лигата. Правилата на АБА велат дека право за регистрација на играчите има до ден пред натпреварот, а ние го направивме тоа во саботата.

На денешниот натпревар, делегатот извади едно ливче кој го добил од АБА и на кое не беше нашите Американци. За моите стандарди, нонсенс објаснување дека овој натпревар е одложен и дека требала да се игра на 14 октомври што не е точно. Знаете што се случуваше претходниот период, нашата група беше со пет екипи, сега е со четири и добивме некој нов распоред. Упатствата од нашиот клуб беа да не излеземе на терен, но поради публиката, поради Слобода Тузла како организација, а најмногу поради тоа што играчите што не добија дозвола за настап побараа да, сепак, се игра.

Она што можам да кажам е дека веќе подготвуваме некои правни рамки за оваа одлука, но најмногу не боли тоа што немаше елементарен респект кон нас. Најголема победа за нас денеска е тоа што ниеден играч не се повреди. Можам да ви покажам докази дека ние не сме добиле никакво соопштение дека некој нема право на настап. Поминавме 700 километри и се чувствуваме навредено“, рече Смилковски.

Слобода победи со 106-51 и со триумф ја отвори новата сезона, додека ТФТ во следниот период ќе треба да се консолидира и да се рестартира пред продолжението од сезоната.