„Пет дена бев неправедно затворен во четири ѕида, ангажирав адвокати - работата ќе ја истерам до крај“

Голманот на македонскиот ракометен првак Вардар, Борко Ристовски, веќе неколку дена е во Скопје, откако мина речиси цела недела „во самица“ во хотел во Загреб. Тој мистериозно беше прогласен за позитивен на Ковид 19, тест по кој Вардар беше исфрлен од Ф4 турнирот на СЕХА во Задар. Како што е познато, наместо црвено-црните, на Ф4 отпатува токму Загреб, кого македонскиот првак спортски го елиминираше на терен. За постетување, Загреб загуби во финалето од Веспрем, кој по четврти пат застана на тронот, еднаш помалку од Вардар.

По сѐ што се случи, се потврди дека имало и тоа како матни игри за да се спречи Вардар да оди на Ф4. Доказ за ова е неисправниот (некој ќе рече лажен) позитивен ПЦР тест кој Борко го доби дури утрото по реваншот со Загреб. Наместо да биде отстранет од тимот пред мечот, домаќините, веројатно во обид да калкулираат, резултатот го покажаа 12 часа по крајот на натпреварот. 

"Од она што јас го имам како обврска и како чувство дека треба прво моите најблиски, па потоа и македонската јавност да го знае, можам да кажам дека во најмала рака ситуацијата беше сомнителна. Јас можам само да ги кажам фактите, а јавноста нека си извлече свој заклучок. Прво, пред тргнувањето за Загреб сите направивме ПЦР тестови на кој бевме сите негативни. За да следниот ден на пристигнувањето во Загреб, јас да испаднам позитивен иако не чуствував буквално никакви симптоми и најнормално ги поминував сите напори и тренинзи. Дента кога бев „позитивен“ и кога ми беше издадено решението за десетдневен карантин знаев дека нешто не е како што треба“, вели Борко.

По сите премрежја, телефонски јавувања и кога вардарци тргнаа назад кон Скопје, Ристовски останал сам во хотелот за да „одработи“ карантинот.

„Екипата за неколку часа замина за Скопје, а јас останав во хотелската соба сам. За волја на вистината, а и за моја среќа, Загреб е градот во кој имам многу пријатели и веднаш организирав да ми донесат брзи антиген тестови за да можам да проверам. Истото попладне ги имав тестовите и двата кои ги направив беа негативни. Тоа уште повеќе ми отвори место за сомнеж и во консултација со претседателот и тренерот ангажирав приватна клиника за два нови ПЦР тестови. Резултатите за мене очекувано, беа негативни. Што ќе каже човек, во четири дена јас сум пет пати негативен и само на оној тест кој ми го направија кога дојдовме бев позитивен“, раскажува Ристовски.

Законите во Хрватска се јасни, ако си позитивен треба да си 10 дена во карантин, но ако двапати за 48 часа приложиш два негативни ПЦР теста, можеш да напуштиш. 

„Јас ова го сфатив и помалку лично, бидејќи беа засегнати и моето семејство и моите пријатели и секако мојот клуб. Згора на тоа што пет дена бев неправедно затворен во четири ѕида. Затоа, заради оваа "нечија" авантура јас најмив адвокатска куќа од Загреб која ќе го испита случајот и доколку се утврди намерна „грешка“ ќе поднесам соодветна пријава. Ова е вистината накратко за тоа што навистина се случи во Загреб. Оставам на секој да размисли и да донесе свој заклучок. Во спортот не смее да се случуваат вакви (не)намерни „грешки“. Спортот мора да остане чист, инаку ја губи својата цел, вели чуварот на мрежата на црвено-црните.