Tурците не штедат: Поплатени од „италијанскиот Клоп“ ќе бидат само Анчелоти и Инзаги

Бешикташ денеска и официјално го претстави својот нов тренер, за кого клубот издвои значителни финансиски средства.

Станува збор за досегашниот тренер на Болоња, Винченцо Италијано, кого навивачите на Бешикташ веќе го нарекуваат „италијанскиот Клоп“.

Тој потпиша двегодишен договор вреден шест милиони евра по сезона, плус бонуси. Италијанските медиуми наведуваат дека тоа е двојно повеќе од платата што ја имал во Болоња и доволно за да се најде на третото место меѓу најплатените италијански тренери во светот, веднаш зад Карло Анчелоти и Симоне Инзаги.

Италијано има 48 години, а тренерската кариера ја започна во аматерските лиги во италијанскиот фудбал, водејќи ги Вигонтина Сан Паоло и Арцинјано.

Подоцна работеше во Трапани, па во Специја, а првиот поголем исчекор го направи во летото 2021 година кога ја презеде Фиорентина. Во Фиренца остана три години, по што се пресели на клупата на Болоња која ја водеше и во Лигата на шампионите, а оваа пролет стигна до четвртфиналето во Лига Европа.