Пенезиќ: Во Вардар го доживеав најубавиот момент, ама и - најстрашниот!

Една од најдобрите ракометарки на нашето време, Андреа Пенезиќ или Кобетиќ, откако се омажи со фудбалскиот голман Матија, објави дека ќе ја заврши својата кариера. 

Она што не ѝ се допаѓа на некогашната вардарка е фактот дека ќе се збогува од ракометот во време на коронавирусот и може да се случи веќе да го одиграла последниот натпревар, а да не знаела за тоа. Сепак, одлуката е конечна

„Уште во Вардар ‘се кршев’. Тогаш сакав да ја завршам кариерата, но ете, таму несреќно заврши сè, сите моравме да бараме нова средина и во тој момент не бев подготвена да останам без ракомет. Унгарскиот Шиофок беше најдобро решение, условите беа феноменални, а јас останав блиску до Загреб. Сакав и по првата сезона таму да ја завршам кариерата, но ме убедија да останам. Уште ме убедуваат, но да, по оваа сезона – крај.“, изјави Пенезиќ во интервју за српскиот ТВ-канал Спортклуб.

Освои многу индивидуални признанија, беше најдобар стрелец во Лигата на шампионите со Вардар, но загуби две болни финалиња и тоа на болен начин, во продолженија. Судбината ѝ се оддолжи со пехар во ЕХФ-купот со Шиофок, лани пролетта, а таа повторно беше голгетер број еден, со 75 погодоци.

„Нема полошо од тоа да загубите финале. Мене тоа ми се случи двапати и тоа на каков начин. Во двата случаја паднавме во продолженија, а тоа е страшен, емотивен удар. Најпозитивна работа во кариерата, дефинитивно ми е тој Вардар, тоа ми беа четирите најубави години од кариерата. Се чувстував почитувана, ценета, луѓето на улица ни приоѓаа и беа срдечни. Уживав во Македонија во секој ден. Жал ми е само за таа ЛШ, тие два пораза, а мислам дека таа генерација на Вардар заслужи да победи, но во спортот треба и среќа, а ние ја немавме“, се присети Пенезиќ на убавите и тажните моменти од Вардар.

Сепак, од сите анегдоти издвои една која и други нејзини колешки ја имаа споменувано во минатото како момент за паметење во нивните животи.

„Никогаш нема да заборавам кога летавме со Вардар за Љубљана и кога дојде до турбулениција сред летот. Дуваше силен ветар, нè фрлаше на сите страни и едно саат време кружевме во воздухот. Тоа ми беше, веројатно, најстрашниот момент во животот. Кога тргнавме, сите се смеевме и се зафркававме, а на крај завршивме во солзи и во страв за својот живот“, раскажа 34-годишната Хрватка.