
Партизан и Татран можат да „го наместат“ Вардар да игра со Веспрем во СЕХА!
Иако Татран водеше и со седум разлика на четири минути до сирената, на крај сепак му дозволи серија брзи голови на Партизан што ги остава во игра сите опции за реваншот во Белград, в понеделник (18ч.). Тоа и не е баш по волја на Вардар кој пасивно ќе ја следи разврската со шест освоени бода и гол-разлика 105-105, откако ги заврши своите натпревари.
Сега и Татран му се приклучи со шест бода, но со гол-разлика 80-77, а Партизан остана на три бода и негативна гол-разлика 79-82. Најлошото можно сценарио за Вардар е да заврши трет во групата, а тоа може да биде достигнато во многу редок и случај.
Такво нешто ќе се случи само ако Партизан го совлада Татран в понеделник со три разлика, но притоа во натпревар со барем 55 гола. Или попрецизно, ако резултатот е 29-26 за Партизан или 30-27, 31-28 итн. Во таква ситуација, сите три тима би имале „нула“ гол-разлика, но Вардар би останал со најмалку постигнати голови вкупно и по тој критериум би завршил последен.
Како што е тешко веројатна опцијата за трето место, таква е и можноста за Вардар да го освои првото. И за тоа е потребно Партизан да го совлада Татран со три разлика, но во овој случај потребно е мечот да има малку голови, односно да биде изразен најмногу со 25-22. Овој резултат и секој со три разлика, а помалку голови (24-21, 23-20, 22-19) ќе го качат Вардар на првото место и во тој случај би добиле македонско четврт-финале во СЕХА, бидејќи Пелистер како второпласиран од групата А, го чека победникот од Б.
Со секое друго сценарио црвено-црните ќе останат на втората позиција, без разлика дали е тоа поубедлива победа на Партизан, или, пак помлака победа, со еден-два разлика. Тука влегуваат и резултатите со три гола разлика кои не ги исполнуваат горните услови, односно 26-23, 27-24 и 28-25. Се разбира, ако Татран воопшто да не загуби, тогаш нема ни да дојде до никаква математика, туку еднотавно ќе го зацементира врвот со повеќе бодови од Вардар.
ТАБЕЛА ГРУПА Б
1. Татран Прешов 6 (80-77)
2. Вардар 6 (105-105)
3. Партизан 3 (79-82)