Вардар без многу мака ги освои бодовите во Кавадарци
„Црвено-црните“ повторно одиграа колку што им беше потребно за да стигнат до бодовите. По израмнетиот почеток, Вардар постепено го презеде натпреварот во свои раце, создаде предност и до крајот без поголеми проблеми го контролираше резултатот.
До 6-6 двата тима беа целосно израмнети, а потоа гостите направија серија од 1-4 и за првпат посериозно се одлепија. Гоце Георгиевски погоди за 7-10, по што Вардар продолжи да ја зголемува предноста и стигна до највисоките плус шест (18-12). Тиквеш сепак не се предаде и со два гола во финишот на првиот дел намали на четири негатива на паузата.
Кавадарчани одлично го започнаа второто полувреме и успеаја да се доближат на само еден гол, 19-20, а потоа и на 20-21. Сепак, Вардар во клучните моменти повторно додаде гас.
Со серијата од три гола гостите практично го решија прашањето на победникот. До крајот Вардар рутински ја одржуваше разликата и на крајот славеше со осум гола разлика.
Фадуиљ со седум и Љевар со шест погодоци беа најефикасни кај Вардар, додека голманот Валах забележа 11 одбрани. Кај Тиквеш, Ончев постигна шест, а Бен Махфуд пет гола.