Седлоски: Играчите се во подобра форма од пред еден месец, се надевам на сѐ подобри изданија!
Шкотска славеше во првиот натпревар против Македонија, а Седлоски е свесен за новиот предизвик, но смета дека може да го изненадат фаворитот.
„Знаеме со какви играчи располага Шкотска. Свесни сме за грешките и мора да ги поправиме. Фудбалерите се фокусирани и мотивирани. Moе е да им кажам на моите дечки да уживаат на утрешниот натпревар“, кажа Седлоски.
Селекторот посочи дека е задоволен од минутажата која ја добиваат македонските играчи во нивните тимови.
„Мило ми е што сите репрезентативци добиваат минутажа во своите клубови. Се надевам дека ќе продолжат со таа минутажа во нивните тимови. Играчите се во подобра форма од пред еден месец, се надевам на сѐ подобри изданија“, посочи селекторот.
Седлоски кажа дека Шкотска игра агресивен фудбал, а ние треба да возвратиме на идентичен начин.
„Утре е друг натпревар, Шкотска игра агресивен фудбал, треба да бидеме подготвени на сè. Направивме анализа, знаеме каков фудбал игра Шкотска, ние сме подготвени, нема од што да се плашиме. Треба да излезат на терен и да уживаат. Ако тие бидат агресивни, треба и ние да бидеме уште повеќе“, кажа селекторот.
Натпреварот меѓу Шкотска и Македонија се игра утре на „Хампден парк“ од 20.45 часот.